SolunFM

Македонците никогаш не ја заборавија својата славна историја; Во борбата за слобода се повикуваат на подвизите на Александар Македонски – 1903 г.

Весникот “The World’s News” во 1903 година објавил статија во која укажува дека Македонците никогаш не ја заборавиле својата славна историја и во борбата за слобода се повикуваат на подвизите на Александар Македонски и на останатите претци од антиката.

Статијата потенцира дека Македонците учествувале во секоја војна за слобода во Југоисточна Европа и несебично им помогнале на соседните народи.

Македонија: Славна воена историја,” The World’s News, сабота, 24 октомври 1903 година страна 10

– „Македонците се бореа рамо до рамо со Грците за време на долгата и горчлива борба за грчката независност. Кога Србите се побунија, Македонците ги преплавија планинските премини за да им помогнат. Кога избувна бугарската буна, Македонците побрзаа да застанат рамо до рамо со нив да се борат, и доколку е потребно – да умрат заедно со тие луѓе од друга раса, со коишто немаат ништо заедничко, освен омразата кон турскиот јарем“.

Грците, Србите, Бугарите, па дури и Ерменците им се должници на Македонците, кои сеуште останаа поробени и чијшто живот во Отоманското царство е едно „неподносливо бреме“, пишува весникот.

– „Не е чудно што Македонците се побунија. Би било чудно ако тие не го стореа тоа. Како слободен, храбар и слободољубив народ, тие со векови се подложени на најодвратниот, најомразениот и највознемирувачкиот облик на тиранија што му е познат на светот“.

Статијата укажува и дека Македонците не секогаш биле поробени од околните и помоќните народи, туку дека имаат свое славно минато на кое се повикуваат во борбата за слобода.

Огромниот раст на македонската моќ во древноста, пишува весникот, е едно од чудата во светската историја, кога Македонија од релативно безначајна држава стана центар на светот во исклучителни околности коишто делуваат како бајка.

Иако империјата на Александар Македонски се распадна, следните генерации Македонци го зачуваа споменот за своите славни претци, се вели во статијата.

– „Македонците никогаш не го заборавија единствениот славен период од нивната историја, а македонските говорници до ден-денес ги поттикнуваат своите слушатели на бунт против Османлиите со приказните за (битките кај) Граник и Исус, со песните за Арбела и смртта на персискиот крал.“

ИЗВОР: “Macedonia: Glorious Military History,” The World’s News, Saturday, 24 October 1903, pg. 10. —-/