SolunFM

Македонска заедница во Албанија

Најостра осуда на антимакедонската посета на бугарската потпреседателка Илијана Јотово на Албанија.

Бугари во Албанија нема, ниту имало, ниту ќе има.

14 септември 2023 година, Тирана, Албанија – Македонското друштво „Илинден„ од Тирана најостро ја осудува антимакедонската дводневна посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Албанија, заедно со бугарски универзитетски професори и академици, во пресрет на пописот на населението во Албанија.

Програмата на акцијата насловена “Бугарите во Албанија“, предвидува Илијана Јотова за време на својот престој во Албанија, да отвори “неделно училиште на бугарски јазик во Елбасан“, во Тирана да ја промовира книгата на Спас Тошев “Бугарите во Албанија“, и во селото Големо Острени, Голо Брдо, исто така, да отвори неделно училиште на бугарски јазик.

На ваквите бугарски провокации најостро реагираат Македонците во Голо Брдо и Елбасан, како и во цела Република Албанија.

Според реакциите на жителите на село Големо Острени и целата област Голо Брдо, се сквернави историската вистина: Во мугрите на 4 март 1916 година, бугарските војски за време на бугарската окупација на Голо Брдо, ги заробиле Македонците Елез Кочи и Ќазим Дука од селото Големо Острени и после брутално мачење живи ги закопале во близина на реката во село Верница, областа Голо Брдо.

Ако се има предвид дека, училиштето во Големо Острени кое Јотова сака да го отвори треба да се вика Елез Кочи, ѕверски убиен од бугарските крвници, јасна е пораката на Софија до младите генерации Македонци во областа Голо Брдо: Македонците во Албанија да си ги заборават минатото и жртвите од бугарските ѕверства во историјата.

Ваквата постапка според Македонците во Голо Брдо е неприфатлива и не смее да се повтори.

Македонско друштво „Илинден„ од Тирана се солидаризира со бројните реакции на Македонците во областа Голо Брдо на бројните бугарски антимакедонски провокации.

Македонското друштво „Илинден„ од Тирана на светската јавност ѝ ја пренесува пораката на Македонците од Голо Брдо во која јасно се отсликува македонскиот идентитет на месното население од Голо Брдо, од кое во неколку наврати беше побарано да се изјаснат како бугари.

Македонците во Албанија упатуваат јасна порака во Албанија и до светот дека, отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да станат Бугари.

Македонското друштво „Илинден„ од Тирана изразува жалење, затоа што ниту таа јасна декларација на Македонците во Албанија, дека се Македонци и ништо друго освен Македонци, не ја запира крајно подлата намера на Софија да ја замајува светската јавност дека Македонците во Република Албанија се Бугари. И покрај отпорот на месното домицилно население, Софија со ефтина пропаганда се обидува да ја избрише меморијата за Бугарите крвници кои ги убивале Македонците патриоти како Елез Кочи и Ќазим Дука во областа Голо Брдо, Албанија.

Промоцијата на акцијата “Бугари во Албанија“ има за цел да ја извртува вистината и Македонците во Република Албанија да ги прикаже како Бугари. Секако, ваквата акција е потребна за Софија да може пред членките на Европската унија да ги оправда своите асимилаторски акции во Албанија, апсолутно неприфатливи како однесување на една членка на Европската Унија. Од друга страна, ваквата “посета” на високи бугарски претставници на Албанија треба да ги “потсети” албанските власти дека, на претстојниот попис во државата, треба да го зголемат бројот на Бугарите во однос на последниот попис, на кој немаше ниту еден самодеклариран Бугарин во Албанија.

Уцената на Софија кон албанската Влада се однесува на закани со вето за пристапувањето на Тирана во членство на Европската унија, преку грбот на Македонците во Албанија.

Ваквото насилничко однесување на бугарската политичка елита насочено кон асимилација и денационализација на Македонците во Албанија, однапред е осудено на пропаст, бидејќи Македонците со присила и притисоци никогаш нема да се изјаснат за Бугари.

Македонско друштво „Илинден„ од Тирана повторува: Бугари во Албанија нема, ниту имало, ниту ќе има.

Соопштението е потпишано од Никола Ѓурѓај претседател на Македонското друштво „Илинден„ од Тирана, Фатри Фетаху претседател на Македонското друштво „Илинден„ – огранок Голо Брдо, и Елса Џелили координатор на Македонското друштво „Илинден„ за Округот Елбасан.

Повеќе на тема – Контурите на „Голема Албанија“ на новата карта на „Балканот„(Македонскиот Полуостров), кои Западот ги игнорира