– Минатиот пат ви ги дадов микрофилмовите, а сега ќе ви дадам сѐ што имам тука. Вие немате претстава, ниту можете да замислите, какво е чувството по цели 60 години татко ми конечно да биде рехабилитиран. Ве молам, сакам сѐ да биде во Македонија, – речиси низ солзи изустува Милка Шатева.
Оригиналните ракописи и сѐ што имам од татко ми сакам да биде во Македонија.
Со оваа помисла сум обземена, не можам навечер да спијам и верувајте ми, тоа ми е поголем товар од годините што ги носам.
Со овие зборови нѐ пречека минатиот петок во Загреб, во својот дом, Милка Шатева, ќерка и единствениот директен жив наследник на гемиџијата и истакнат македонски револуционер, првиот министер за правосудство во повоена Македонија, Павел Шатев.
За помалку од една година ова беше наша втора средба. Во април лани заминав во Загреб на нејзино барање и патувањето следуваше по серија барања, патувањето следуваше по серија телефонски разговори и договори. А, поводот беше текст објавен во “Публика”, по иницијативата изнесена на одржаната панихида на битолските гробишта.
На одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Павел Шатев, кој животот го заврши во домашен притвор во Битола, беше реактуелизирана иницијативата за префрлање на моштите во неговото родно Кратово. И во таа пригода се слушнавме со Милка Шатева, но тогаш не беше подготвена за поширок разговор. Иницијативата не заживеа, зашто се покажа дека семејството Шатеви во писмен документ уште многу порано инсистирало моштите да не се пренесуваат и да останат на Светонеделските гробишта во Битола.
На првата средба во Загреб, Милка Шатева, доктор по хемиски науки и американски специјализант, во форма на микрофилм ми ги даде сите необјавени ракописи на нејзиниот татко Павел Шатев.
– Земете ги и во Македонија конечно да се дознае вистината за мојот татко, – ми порача тогаш таа.
Станува збор за над 4.000 страници материјал, од кои подоцна во “Публика”, објавив и серија текстови. И целиот овој меѓупериод одржувавме телефонски контакти. Праќав сѐ што беше објавувано, ја информирав за сѐ што се случува во Македонија и настаните непосредно поврзани со името на нејзиниот татко. Знаеше за споменикот на гемиџиите, за новиот музеј, за местото на Павел Шатев во него, за иницијативата за подигање посебен споменик, за…
Воспоставивме речиси редовна комуникација. Не знам дали истовремено контактирала и со други роднини и пријатели во Македонија, но знам дека стекнавме меѓусебна доверба.
________________
Превземено од порталот мкепресс.еу