SolunFM

Околу експанзионизмот на соседите и како официјалната грчка држава подржува експанзионистички идеологии

Официјално издание на грчкиот Парламент, под надзор на ВГС ( Воена географска служба )

Карта со наслов:
Грчки паркамент
Историска карта на Грција

Легенда со наслов:
Обединувањето на Грција

Последните години се почесто слушаме изјави на грчки службеници, пратеници, владини претставници, министри, премиери, новинари и други, околу таканаречената експанзионистичка пропаганда на „Скопје“ против нашата држава.

Се разбира, никој од горенаведените луѓе кои се служат со таква аргументација околу „скопскиот експанзионизам“ не се потрудил да ја испита или да го разгледа однесувањето на нашата држава на темата „експанзионизам“.

Во 2000 година грчкиот Парламент печати карта со наслов „Историска карта на Грција“ на која дел од територијата на Република Турција е претставена како дел од „унитарниот грчки свет“. Поконкретно кажано, територијата во Мала Азија околу Смирна, источна Тракија, островите Имврос и Тенедос се претставени на картата како грчки територии.

Насловот на картата е „Историска карта на Грција“ а насловот на легендата е „Обединувањето на Грција“. Со виолетова боја се обележани териториите што се „соединија“ со грчката држава во 1920 година, а подолу се пишува за Севрската конвенција, која делумно ги задоволуваше потребите на грчката „Голема идеја“. Самото пишување за обединувањето настојува да ја истакне „унитарноста“ и „непрекинатоста“ на грчките простори во кои се вклопуваат обележаните со виолетова боја територии. Се разбира, националистите исто како и крипто-националистите во нашава држава би можеле да се правдаат, тврдејќи дека картата не е експанзионистичка туку ја опишува реалната состојба на теренот после Севрскиот договор од 1920 година. Слична аргументација може да користи и секој Македонец националист тврдејќи дека Букурешкиот мировен договор од 1913 година и познатата карта од делењето на македонската територија помеѓу трите држави не претставуваат експанзионистичка пропаганда, туку опишување на реална состојба во едно реално време. Значи која е суштинската разлика помеѓу насловите „Историска карта на Грција“ (1920) и „Историска карта на Македонија ( 1913 ) ? Или пак по што се разликува еден наслов во стилот „Поделбата на Македонија“ од насловот „Обединувањето на Грција“.

Карта од македонското издание на Википедија

Во горенаведената карта на грчкиот парламент освен обележувањето на таканаречената „грчка зона на Смирна“, исто така просторот на Јужна Албанија е наречен „Северен Епир“. ( Официјалното име на северниот дел на Грција е Епир ). Ако е тоа така, тогаш зошто во Грција одредени кругови негодуваат кога се зборува за „Чемерија“, кога се именува албанскиот дел од Епир, територија на која живееле протераните од 1945 година Албанци ( Чамите ) ? Истото важи и кога се зборува за „Егејска Македонија“ ?

И повеќе од тоа, како е можно во карта со поднаслов „Обединувањето на Грција“ да се вклучува и Кипар ? Зошто во легендата е вклучен податокот за таканаречениот „се-кипарски референдум“ за обединување со Грција од 1950 година со процентот на гласови со 96% „за“ ? Со тоа целосно да се игнорира ставот и состојбата на кипарските Турци и да се наметне некој впечаток дека скоро целото население сака да се „обедини“ со грчката држава ? Со таквиот начин на прикажување на состојбата неутралниот набљудувач на картата се стекнува со впечаток дека Кипар впрочем е дел од Грција или во најмала рака втора грчка држава ? Дали со овој потег кипарските турци имаат право да протестираат и да заборуваат за грчки експанзионизам и иредентизам подржан со официјален печат на грчкиот Парламент ?

„Чудото“ со гореспомената карта е тоа дека „украсува“ голем број на административни згради во Грција како што се општи простории, полициски станици па дури и грчки амбасади во странство, со тоа индиректно вршејќи пропаганда во корист на политиката на „Мегали идеа“ ( Големогрчката доктрина од почетокот на минатиот век за грчката држава која лежи на два континенти и излегува на три мориња ). Исто така го пропагира грчкиот карактер на Кипар како и грчкиот карактер на Јужна Албанија. На картата се оди до таму да се користат грчките називи Монастирио и Стромница за Битола и Струмица кои се на територијата на Република Македонија, а сите пак топоними во Јужна Албанија која патем е наречена „северен Епир“ се исклучиво на грчки.

Кога една таква карта се издава по иницијатива на грчкиот Парламент и под надзор на Воената географска служба, и ден денес континуирано се дистрибуира од највисокиот орган на државата како што е Парламентот, како тогаш ќе успее грчката дипломатија да ги убеди соговорниците од било каде дека таа впрочем „се грижи за стабилноста во регионот“ и дека „експанзионистичките политики на соседите ( мислејќи на Македонија ) не придонесуваат кон оваа насока“?

Генерално гледано, кога зборуваме за македонското прашање во последно време, грчката дипломатија ги изостави аргументите околу „културното наследство на Грција“, „крадењето на името Македонија од Скопје“ и слични несериозни аргументи кои впрочем беа дочекани со иронична насмевка од страна на странските соговорници. Таа денес се обидува да ја насочи темата кон таканарачениот „скопски експанзионизам“. Историјата во последно време ја остави на политичари од ковот на Караџаферис и екстремната националистичка грчка Црква чии аргументи се привлечни за ушите на домашната јавност.

За жал нашата дипломатија се обидува по втор пат да стане жртва на разни Кофос-овци, Мерцос-вци, Самарас-овци и други предводници на антимакедонската кампања од 90-тите кои со помош на регрутирани „научници“ наголемо се насочуваа на темата за „експанзионизмот на соседната држава“, заборавајќи при тоа дека нашата куќа е веќе „извалкана“ со такви „ѓубриња“. Познати националистички кругови но и грчки дипломати се почесто се осврнуваат на учебниците по историја на Република Македонија во кои според нив содржината има иредентистички аспирации кон Грција. Дури се пишуваат и „научни“ студии и се издаваат книги во Грција на оваа тема. Се издаваат двојазични изданија со карти на „Голема Македонија“ за да ги користи грчката дипломатија, додека „кутрите“ немаат помислено на стотиците карти во грчките учебници кои пропагираат грчки иредентизам кон соседите, карти кои не се наоѓаат само во грчките учебници, туку и во изданија на највисоките тела на грчката држава.

Со тоа не е чудно грчката дипломатија пак да биде исмејана во странските дипломатски кругови, да се врати во ќорсокакот од 90-тите или во најдобар случај да добие одговори слични на оној што го доби шефицата на канцеларијата за врски на Грција во Република Македонија, при неодамнешната посета на Воениот музеј во Скопје каде впрочем во придужба на госпоѓата Миловановиќ, амбасадорката на САД во Македонија и Британскиот амбасадор, се обиде да ја отвори темата за македонскиот експанзионизам и картите на Голема Македонија во учебниците. Госпоѓата Дора Гросоманиду го доби следниов одговор од Г-ѓата Миловановиќ:
„Гореспоменатите учебници на „обединета Македонија“ колку што ми е познато ги има на слободниот пазар, но не се дел од учебниот материјал во училиштата”
И додаде:
„Дали вашата Влада и Владата на Македонија сте спремни да создадете заедничка комисија преку која ќе ги пишување заеднички историските книги и историјата на овој регион од поновите балкански времиња” ( извадок од неделникот Елефтеротипија од 01.07.2007, текст на Такис Михас ).

Се дури не се направи идеолошка реформа во нашата држава околу создавањето на таканаречениот „грчки мит“ дека впрочем грците се избран народ, кој потекнува директно од античките Елини, дека континуирано плови низ вековите, дека постојат „свети“ национални интереси, дури не се реформира конспиративното мислење околу улогата на „странскиот фактор“, толку повеќе грчкото општество ќе биде во позиција на „заложништво“, „ментално хендикепирано“ да ја свати ралноста, додека грчката политика пак ќе си биде континуирано жртва на разните Кофос-овци, Мерцос-овци, Самарас-овци, Папатемелис-овци, добивајќи како награда шлаканица и непристојни дипломатски даноци во таканаречените теми од „национален интерес“.

Сектор за политичка антропологија на Виножито(Ѕеверно).