SolunFM

Има Северна Ирска, ама има и држава Ирска, Заев единствената држава во светот со името Македонија, ја претвори во северна грчка провинција

За никогаш да не се заборави: Владата во 2018 година договори експерти од Северна Ирска за спроведување на кампањата за референдумот за промена на името на државата Македонија во “Северна Македонија”.

Медиумите информираа дека познатата фирма за стратегиски комуникации од Северна Ирска, “Стратагем интернешнл“, ќе ѝ помага на Владата во спроведувањето на кампањата за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Двете страни, како што тогаш веќе потврдија од Владата, потпишале меморандум за соработка за консултантски услуги кои ќе овозможат “успешна“ јавна комуникација со граѓаните. Сметката, според информациите, ќе ја плати амбасадата на Велика Британија.

Впрочем, “Стратагем интернешнл“ е стратегиски консултант за политички работи и комуникации, со богато искуство во работењето низ целиот свет, а специјализирани се за сложени и несигурни средини. Едноставно кажано, специјализирани да водат специјални војни во суверени држави.

Колку за потсетување, Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство со Велика Британија. Но, на истоимениот остров постои и држава Ирска.

Во нашиов случај, постои држава Македонија, на која Владата, и покрај референдумот од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември 2018 година, ѝ го смени името во “Северна Македонија“ со промена на Уставот на државата на 11 јануари 2019 година, претворајќи ја во нова држава од која треба да остане само територија под управа на Атина, без Македонски народ и историја.

И, бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година како асиметрична, претставува еднострана наредба на Атина за самоукинување на Македонската нација и држава, со неа Атина треба да стане администратор на новата држава “Северна Македонија”. Со Спогодбата Димитров-Коѕиас, Атина добива право да бара санкционирање и забрана на секој проект, книга, истражување, мисла ако смета дека тоа значи “иредентизам и ревизија на грчката политичка историја за Македонија“. Атина доби право да врши ревизија на македонската историја.

Јавноста ја коментира работата на македонско-бугарската владина комисија за ревизија на македонската историја, меѓутоа македонско-грчката владина комисија за ревизија на македонската историја, во тајност, надвор од медиумска опсервација, веќе ја заврши својата работа и грчката историја за Македонија веќе е имплементирана во македонските учебници по историја.

Затоа, владиниот меморандум за кампањата за референдумот со познатата фирма за стратегиски комуникации од Северна Ирска – “Стратагем интернешнл“, за промена на името на државата Македонија во “Северна Македонија” во 2018 година, да не беше смешно, ќе беше трагично.

Никогаш северна, секогаш Македонија, вечна од искона до бескрајот.