SolunFM

Најостра осуда за нападот врз куќата и возилото на архимандритот Никодим Царкњас во С’ботско

30 август 2023 година, Солун, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро го осудува вчерашниот напад од грчки национал-шовинисти врз домот на архимандритот Никодим Царкњас во С’ботско (Аридеа) со фрлање јајца врз неговото возило, каменување на неговата куќа и натписот “ЕЛЛАС“ на бетонот во дворот.

Архимандрит Никодим Царкњас – С’ботско, Егејска Македонија 30.08.2023.

СМК потсетува дека кон крајот на февруари годинава, архимандритот Никодим Царкњас, исто така, беше физички нападнат од членови на Клубот на Пондите (Понтискиот клуб) од С’ботско, но за среќа останал неповреден, затоа што успеал навреме да се заклучи во автомобилот, но затоа пак бил вербално малтретиран поради неговата декларација Македонец, напаѓачите го оштетиле автомобилот во кој се наоѓал – искршени се стаклата и каросеријата.

СМК очекува полицијата и судовите во Грција да превземат мерки против лицата пријавени за напад врз куќата и возилото на архимандритот Никодим Царкњас и да ја надоместат штетата врз имотот и животот.

СМК бара Македонското министерство за надворешни работи да протестира пред Министерството за надворешни работи во Атина за физичкиот напад врз куќата и возилото на архимандритот Никодим Царкњас и за повреда на правата и слободите на Македонците во Егејскиот дел на Македонија.

СМК бара демократската јавност во Грција да го осуди дивеењето на наци-фашизмот и расизмот, а против организирани поединци и групи да превзема соодветни превентивни и казнени мерки заради заштита на Македонците.

СМК смета дека зачестените напади врз архимандритот Никодим Царкњас се поради изградбата на Македонската православна црква “Света Злата Мегленска“ во С’ботско чие осветување се очекува годинава.

Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, упатуваат искрена поддршка на архимандритот Никодим Царкњас и на сите Македонци во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција, со барања за унапредување на нивната положба и права и заштита на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.

СМК потсетува дека Македонците се вградени во темелите на државноста на Елада, затоа што заедно со грчките партизани ги поразија грчките монархо-фашисти, го поразија фашизмот во Втората светска војна во Грција и поради тоа и ним им следат правата и слободите како и на сите грчки државјани, еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните.