SolunFM

Ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано.

Секое политичко убиство нема правна разврска, затоа што убијците не шетаат по улица, тие се во власта.

И ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано.

Претседателот Киро Глигоров пред оригиналното знаме на Македонија

Од Тодор Петров

Ви текнува за атентатот на Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година? Мистеријата продолжува, а истрагата и натаму е во тек или може и прекина, бидејќи жртвата одамна почина. Впрочем, истрагата и ја заборавија, повеќе не им треба. Имаме амбасадор во Њујорк, кого Американците не го прифатија во Вашингтон ама после го пратија во Обединетите Нации. Стојан Андов тврдеше дека Фрчкоски е атентаторот, а атентаторот демантираше.

И покрај сè, сите се едногласни дека имало големи пропусти во спроведувањето на стандардизираните процедури за обезбедување на високи претставници на државата, во собирањето на доказниот материјал, и за време на обезбедувањето на просторот каде што бил извршен атентатот и пошироко.

Остана нејасно, кои лица беа во “фичото“ кое возеше пред претседателскиот “Мерцедес“, што го забави движењето на колоната со претседателското возило.

Нема дилема дека атентатот бил извршен од професионалци, дека сè било до детал испланирано, стручно спроведено и дека Глигоров имал голема среќа што воопшто останал жив.

Претпоставка е дека нарачателите на атентатот се заштитени, а атентаторот е ликвидиран.

Сепак, она за што, исто така, сите се согласни е дека, ваков атентат не може да биде извршен без помош од домашните служби, наивните пропусти во истрагата сепак не биле случајни.

Сите информации за некаква братиславска врска, за замешаноста на Мултигруп, за српско-руското подземје очигледно е дека не биле случајно пласирани за да ги наведат и истрагата и јавноста во сосема погрешна насока.

Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски рече дека во организацијата на атентатот е вклучена една финансиско-економска групација, практично мултинационална, со седиште во една соседна земја, чиј човек, чие име го знаеме: “Тој на 28 септември 1995 година е дојден во Македонија и во објект на периферијата на Скопје ја формирал експлозивната направа што е користена во атентатот на претседателот Глигоров. Во тоа му помагале извршители од Македонија. Врз основа на извршениот профил, тоа може да бидат политички фанатици, делови од криминално подземје, или резидентура на странски разузнавачки служби“, изјави тогашниот министер Фрчкоски, кој подоцна понуди оставка која не му беше прифатена.

МВР неколку часа по обидот за атентат соопшти: “Денеска, во 9,45 часот, во Скопје, на улицата Македонија, во близината на хотелот Бристол, од страна на засега непознати лица со автомобил-бомба е извршен обид за атентат врз претседателот на Македонија, Киро Глигоров. Од експлозијата претседателот добил повреди на главата и веднаш бил пренесен во Градската болница во Скопје, а потоа во Ургентниот клинички центар. Засега е надвор од животна опасност. Во овој настан животот го загуби возачот на автомобилот Александар Спировски, а пет случајни минувачи се повредени, од кои двајца потешко. Утврдено е дека експлозивот, кој според првичните процени тежел околу 20 килограми, бил во возило марка ’Цитроен Ами 8’ со кумановска регистрација. Во автомобилот се најдени и остатоци од вреќа со песок, чија намера била силината на експлозијата да ја насочи кон автомобилот на претседателот. Бомбата најверојатно е активирана со далечински управувач“.

Останува горчината од податокот дека многумина кои биле дел од оваа непријатна епизода во македонската историја, денес веќе не се меѓу живите: Возачот на второто возило на претседателот, инспекторот, совозачот, телохранителот.

Вработен во МВР кој дал исказ во врска со истражните дејства за атентатот врз претседателот Киро Глигоров, следниот ден сопругата го нашла мртов во нивниот дом.

На оваа листа е и наводното самоубиство на Д.Г. инспектор во МВР, кој му беше телохранител на Киро Глигоров. Тој, утрото на 5 август 1997 година, бил прегазен од патничкиот воз што сообраќал на линијата Кичево-Скопје на мостот на реката Лепенец во населбата Ѓорче Петров. Според тогашните изјави на неговото семејство, две лица дошле во домот на Д.Г. вечерта на 3 август 1997 година и го одвеле.

На 20 февруари 1998 година на падините на Водно во близина на кругот на МВР била најдена мртва Т.П. вработена во Управата за оперативна техника. Таа имала една огнострелна рана во челото. Било утврдено дека раната била предизвикана од истрел со пиштол од непосредна близина, а потоа било кажано дека станува збор за самоубиство. И Т.П. била дел од екипата која го истражувала атентатот.

Во меѓувреме починаа истражниот судија за атентатот Здравко Василевски, тогашниот државен обвинител Марко Бундалевски. Двајцата Албанци од таканаречената “братиславска врска“, кои беа уапсени, па ослободени поради недостиг на докази, загинаа, еден во сообраќајка, а другиот во гангстерска престрелка.

Според официјалните податоци во истрагата биле претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани повеќе од 188.000 лица од кои 19.000 биле претресени. Полицијата извршила стотина информативни разговори со луѓе за кои се сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата. Виновниците сè уште се на слобода.

Повеќе на тема – Македонија