Македонска заедница во Албанија
18 септември 2023 година, Тирана, Албанија – Бугарската пропаганда нема да успее во Албанија. Колку и да се труди Бугарија вештачки да создаде бугарско малцинство од Македонците – пописот ќе ѝ ги урне сите надежи – коментира за Алфа активистот за правата на Македонците од Пустец, Панди Јани. На последниот попис во 2011 година во албанската држава ниту еден не се изјаснил како Бугарин, и по 10 години сакаат да прикажат дека сега има бугарско малцинство, – вели активистот за Алфа.
“Кај нас има бугарска пропаганда, но тоа нема да им успее. Кај нас нема Бугари, сите се Македонци. Убеден сум дека нема да се попишат како Бугари, сите знаат кои сме, и секој ќе си се попише тоа што е – Македонец.
Единствените Бугари кај нас се тие што доаѓаат од Амбасадата во Тирана, што им вадат бугарски пасоши на Македонците од економски причини. Убеден сум дека во Албанија нема Бугари, – вели Панди Јани активист за правата на Македонците од Пустец.
Јани вели дека Македонците кои прифаќаат да извадат бугарски пасош најчесто се приморани да го сторат тоа од економски причини. Но, и покрај тоа, на пописот ќе се изјаснат како Македонци.
“Без разлика на сите обиди за тивка асимилација на Македонците, тука во Албанија тоа нема да им успее, бидејќи тоа што сме го наследиле го пренесуваме од колено на колено, – вели Јани.
Македонското МНР ги охрабри тамошните жители да се попишат како Македонци, но молчи и не реагира на активностите на бугарската потпретседателка Илијана Јотова во деловите во кои живеат Македонци во Албанија.
На антимакедонската дводневна посета остро реагираа и од македонското друштво „Илинден„ од Тирана.
“Македонското друштво „Илинден„ од Тирана, како претставник на Македонците од Албанија, се солидаризира со многубројните реакции на Македонците во Голо Брдо. Сметаме дека е потребно на светската јавност да ѝ ја пренесеме пораката на Македонците од Голо Брдо и јасно да го декларираме нашето македонско чувство. Од нас во повеќе наврати беше побарано да се изјасниме како Бугари. Но, јасно порачуваме, ние, Македонците во Албанија отсекогаш сме биле Македонци и никогаш нема да бидеме Бугари“ – порачуваат од македонското друштво „Илинден„ од Тирана.
Иако на последниве 11 пописи во Албанија, ниту еден жител не се декларирал како бугарин, државниот врв на Бугарија ја принудува Албанија да признае бугарско малцинство.
Последниот попис во 2011 изброја над 5.500 Македонци, но здруженијата и партиите тврдеа дека има повеќе десетици илјади низ цела Албанија.
Повеќе на тема – Македонци во Албанија