SolunFM

Еднаш влегов во заградениот двор.

Еднаш, влегов во заградениот двор на мој комшија и уредно означен со “Пази куче”. Во дворот немаше никој, па се упатив да ѕвонам на вратата. Кучето го имаа пуштено (кучето во дворот секогаш си играше со внучињата на сопственикот) и лежеше пред врата, некако наеднаш му се појавив во видикот и го подисплашив, по што знаев дека направив ужасна грешка. Полека почна да се исправува и да завзема позиција за напад, а јас полека почнав да се повлекувам наназад (да, страв ме надвладеа иако со децении сум крај и со кучиња). Кога тоа ми светна идеја дека во џебов имам пакетче палома и инстантно му ја фрлив како играчка да му биде. И успеав да му го одвлечам вниманието, се разигра со паломата, а газдата излезе и веќе безбеден бев. Мојата грешка можеше да ме чини угриз, и за тоа самиот виновен ќе бев.

Затоа неколку добронамерни совети:

1. Не влегувајте во двор ако има пуштено куче, а сопственикот не е крај него. Кучето со сопственик знае да се постави заштитнички спрема просторот каде е згрижено (затоа и мнозина земаат кучиња за чувари да им бидат) и однесувањето не му е исто кога е без и кога е крај сопственикот (затоа грото од каснувањата не се од бездомни кучиња, но од напуштени кои имале сопственик). Моите три кучиња напати со дечиња од маалово ги шеткаме, ги галат и играат со нив, но кога ги враќаме назад кај што ми спијаат секогаш им напоменувам да не одат кај нив ако јас или некој од моите дома не се крај нив.
2. И кучињата се различни психологии како и луѓето (на пример има кучиња за кои она првонаведеното не важи), па да апелираш на хајка на кучињата затоа што се случил немил настан е исто како да апелираш на хајка на човештвото затоа што некој човек бил причина за некој немил настан.
3. При контакт со кучиња најважен е говорот на тело кој го пројавуваш кон нив, и затоа неизбежна е едукативна компонента ширум училиштава водена од стручни и искусни лица.
4. Институциите да засукаат ракави и да направат контроли кој тоа чува куче, како и зошто го чува, и да потегнат драстични мерки за напуштање миленик оти од таму е главниот извор на проблемот со бездомни кучиња на улица.
5. Да се вклучи полицијата за да се спречи истовар на кучиња од едно место во друго, оти дел кучиња (кажав погоре дека и тие имаат различна психологија) штом се најдат на нов терен се уплашени, а уплавот знае да вроди со пројава на агресија (обично спрема други кучиња манифестирана, ретко кон човек ако не биде испровоцирано од истиот).

За крај, ова на фотчево е Фроса. За нејзината раса владее предрасуда дека е опасна раса на куче. Но реалноста тоа го порекнува (како Фроса низ рака ми поминале низа питбулчиња/стафордчиња, уште не знам да ги препознам од што ми е скрос неважно). Иако борена, иако напуштена, за брзо Фроса ја социјализиравме, стекна доверба во нам и веќе е вдомена кај еден мој драг другар. Фроса со маче делеше храна (таму каде што ја хранев пред да ја згрижам и пред да ја убијат поради предрасудите), со дечиња си игра, се гали како право мазалче.

Но, во сиот мој децениски кучкарски активизам сум имал и еден немил настан – напуштено куче ротвајлерче, полно трауми од тоа што намерно беше изгладувано и затворено со месеци во премал бокс, кое никако не можевме да го социјализираме (особено не спрема другите кученца што ги имавме згрижено) па во консултација со дресери и ветеринари бевме приморани да го успиеме. Едно, во стотици и стотици кучиња и ситуации.

Сочувство кон семејството за детенцето чиј живот згасна. Безумно е да се помисли дека човек чувствен кон животинче може да не е чувствен кон нечиј човечки живот. На потег се институциите да почнат активно и долгорочно да делуваат за да во иднина се спречат немили настани.

А за вас што чекате повод само за да ја излеете бедноста и трулоста на срцата ваши, не вреди збор да се каже, оти токму тоа што го блуете веќе говори за вас самите.