SolunFM

Дисперзија или фузија на судската со извршната власт

„Личното мислење“ на претседателката на Уставниот суд, Кацарска, за „Бугарите во македонскиот устав“ актуализира низа суштествени прашања. Дали е професионално и правнички коректно една од највисоките претставници на судската власт во Македонија да дава изјави за политички прашања чие спроведување секако ќе има уставноправни последици? Дали со изјаснувањето во јавноста преку мас-медиумите за политички прашања, претставниците од судската власт навлегуваат на теренот на политиката и политичката пропаганда што по своето битие се разликува од правото и ефикасното независно правораздавање?

Од Јасминка Павловска

Каде водат јавно искажаните политички ставови на носителите на судската власт?

Излагањето на личниот став во медиумско гостување на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во врска со уставните измени што се веќе во процедура во Собранието на Македонија, предизвика низа прашања во јавноста, и тоа во контекст на професионалната правна коректност, во однос на поделбата на власта, независноста на судската власт во смисла на влијанија од политиката, но и влијание на високи претставници на третиот столб на власта (судската) врз политички одлуки.

Изјавата на Кацарска: „Што губат Македонците ако Бугарите влезат во Уставот“, односно нејзиното „лично мое мислење е да не се блокира државата, ниту да им се попречува на младите и на другите граѓани“, според повеќе нејзини колеги, искусни правници и судии, навлегува на теренот на политиката и политичката пропаганда.

Таквото, можеби невнимателно, „излизгување“ на политичкиот терен на претседателката на Уставниот суд, можеби од небрежност, но можеби и со умисла, несомнено става уште неколку негативни поени во компромитираниот статус на довербата во судството од страна на граѓаните, но и на самата доверба на Уставниот суд, како независна институција, неподложна и над влијанијата на политиката. „Личното мислење“ на претседателката на Уставниот суд, Кацарска, актуализира прашања од видот: Дали е професионално и правнички коректно еден од највисоките претставници на судската власт во Македонија да дава изјави за политички прашања чие спроведување секако ќе има уставноправни последици? Дали со изјаснувањето во јавност за политички прашања, претставниците од судската власт навлегуваат на теренот на политичката пропаганда?

Универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев наведува дека од компаративна правна гледна точка ваквите изјави, како на Кацарска, доколку му се случат на еден врховен судија во САД, може да бидат основа за судски импичмент, т.е. отповикување на судијата што врши пропаганда.

– На примерот со политичкиот активизам на Добрила Кацарска, уставен судија, препознаваме неукост на судиите во Македонија, кои недоволно добро го разбираат концептот на „поделбата на власта“, како темел на еден демократски правно-политички систем, демократскиот модел на Уставот и пошироко, политичката култура во општествата што се стремат кон демократските вредности.

Во редица политички изјави на Кацарска, па и по најновиот акт што го донесе Уставниот суд во врска со неповедување постапка во врска со указот (посебно очигледно политички мотивирано судско објаснување зошто судот нема да поведе расправа) може да се почувствува непримерно и пристрасно дејствување на еден уставен судија.

Еве, само за пример, да ја земеме последната изјава што ја даде Кацарска, а која создаде бран негативни реакции на социјалните мрежи, во која таа коментира за идните предложени уставни промени и вели: „Што се губи тука? Во овој момент нема ништо спорно, ниту ништо противуставно да може да се попречи измената на Уставот“.

Кога Кацарска во кулминацијата на една политичка кампања на политичка партија чие политичко тежиште е „за уставните промени“, вели дека „нема ништо спорно“ во предложените и наметнати промени на Уставот, таа дава политичка парола и станува активистка на владеачката коалиција, која очигледно ги користи сите алатки по секоја цена да го смени Уставот. Имено, ако таа вели дека при идните потенцијални промени на Уставот „нема ништо спорно“, ваков заклучок е само латерална правна оцена, а тежишна на исказот е всушност една политичка оцена со која се манифестира отсуство на нејзината политичка непристрасност. Ваков настап на еден судија на Уставниот суд е комплетно непримерен, независно дали изјавата е дадена како „личен став“ (како што таа вели) или не. Таквите изјави, слично како и изјавите на амбасадорите (според дипломското право), секогаш се сметаат за политички изјави, независно од контекстот или пригодата во која се дадени. Во случај на еден судија на Уставниот суд, таквата политичка изјава е непримерна. Ќе спомнам, од компаративна правна гледна точка, ваквите изјави на еден врховен судија во САД може да бидат основа за судски импичмент, т.е. отповикување на судијата што врши пропаганда – вели универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев.

Поранешниот претседател на Врховниот суд на Македонија, Дане Илиев, е категоричен дека уставен судија не смее да си дозволи да дава изјава за политички прашања, дури и како лично мислење. Таквата изјава го дисквалификува судијата, а и Уставниот суд да одлучува за евентуални претставки и иницијативи за преиспитување на уставноста на закони и прописи, што би се донеле како резултат на одредена политичка одлука.

– Недозволиво, неаргументирано и неодговорно е претставник на независната судска власт да изнесува јавно лично мислење за политички прашања. Работа на Уставниот суд е да носи одлуки и да дава мислења дали одредени позитивни (веќе постојни и важечки) законски прописи се во согласност со Уставот.

Но, доколку уставен судија дава мислење за уставноста на измени на Уставот или на законите пред тие да бидат донесени, практично прави прејудицирање и дисквалификација на одлуките што би требало да ги носи Уставниот суд, доколку би имало подоцна претставки за преиспитување на уставноста на тие уставни и законски решенија кога би биле донесени. Самата претседателка на Уставниот суд со оваа изјава, која во моментов има политички тон, станува некомпетентна за евентуално понатамошно постапување во врска со уставните измени што сега се во политичка, односно во собраниска фаза на одлучување.

Преку пример, тоа е еквивалентно на случај судија да коментира и дава мислење за можниот сторител за некој случај на злосторство пред случајот да влезе во судска процедура. Тоа е прејудицирање на правдата и автоматски го иззема судијата од понатамошно судско одлучување. По изјавата за „неоспорноста на уставните измени“, актуелната претседателка Добрила Кацарска не може да претседава со Уставниот суд – вели Дане Илиев.

Повеќе на тема – Бугари