SolunFM

100 години од убиството на Енрико Телини

100 години од убиството на генералот Енрико Телини кој во своите извештаи пишуваше за постоењето на Македонците во Албанија.

На 27 август 1923 година во близината на Јанина, заедно со неговата придружба, бил убиен Енрико Телини, италијански генерал, член на Меѓународната комисија за разграничување меѓу Албанија, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Грција.

Енрико Телини.

Атентатот врз генералот Телини и придружниците кои беа со него ја донесе и реакцијата на Италија. Меѓународната истражна комисија формирана специјално за овој случај, докажа дека убиството е организирано од самата грчка влада. На грчката држава ѝ беше наложено да плати многу голема отштета, заедно со прогласувањето на вината за убиството.

По завршувањето на Првата светска војна, продолжиле несогласувањата меѓу балканските држави околу дефинирањето на границите на Албанија. Имено, покрај дотогашната расправија меѓу Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Грција се појавила и Бугарија. Бугарската држава пред Меѓународната демаркациона комисија се пожалила дека во 18 села, што се наоѓале во Албанија околу областа на Преспанското Езеро и Охрид, живее бугарско население.
Задачата да ја утврди националноста на жителите во овие 18 села, тогаш му била доверена на Италијанецот, генералот Енрико Телини. Тој бил именуван за претседател на Меѓународната комисија за утврдување на границите помеѓу Албанија, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Грција. Генералот Телини откога направил истражување во овие села, го извести високиот претставник на Италија во Истанбул, дека во овие 18 села живее македонско население, а не бугарско, бидејќи “кога ги прашував за етничката припадност, дали се Бугари, сите одговорија дека се Македонци“.

Претставникот на бугарската амбасада во Истанбул, Тодор Марков, за состојбата во селата во кои се претендира дека има Бугари во Албанија, на 15 септември 1923 година го известува Министерството за внатрешни работи на Бугарија. Во извештајот меѓу другото стои :
“Офицерите на Комисијата ги поминаа сите села долж границата и детално ги прашаа селаните каква е нивната националност. Не слушнале да одговорат дека се Бугари, туку дека од нив добивале одговор дека се Македонци.“