SolunFM

Александар Турунџев – 1872 – 1905

30 август 2023 година, Битола, Македонија – Александар Турунџев роден е во 1872 година во село Горно Врбени, Леринско. Бил војвода на ТМОРО и ВМРО.

Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа и како војвода.

За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.

Станува популарен заради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот Македонски народ да извојува слобода со оружје во рацете. Освен тоа бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед.

Насекаде бил мил гостин, затоа што со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние кои посакувале не се осмелиле да станат нови угнетувачи и мачители на Македонскиот народ, заради големиот страв од Александар Турунџев.

По одлуката за кревање востание на Солунскиот конгрес и нејзиното потврдување на Смилевскиот конгрес, на Турунџев му била доверена обврската да го доорганизира сопственото село и да го подготви за востанието.

Кога завршил со воената обука на своите соселани од најразлични возрасти, но главно на возраст од 20-25 години нагоре, Турунџев со сите нив, околу 230 лица опфатени со обуката, организирал неколкупати талим (маневра) со тоа што во импровизираните судири меѓу востаниците и аскерот учествувале по една половина од вкупниот број.

За време на Илинденското востание во Леринско била запазена директивата на Смилевскиот конгрес за герилско војување, при што дејствувале четите, а селаните останале во своите села. Вкупно биле мобилизирани 500 борци, при што само родното село на Турунџев дало околу 100 храбри востаници.

Османлиските војсководачи изработиле детален план за контраофанзива против македонските револуционерни, востаничките единици. А, да го спречат повторното засилување на востаничкото движење во Леринско, вилаетските власти во Битола донеле одлука за сместување нова единица во родното село на Турунџев, која пристигнала со својот командир на 14 ноември 1903 година.

Неговото присуство не ги исплашило членовите на ТМОРО во легендарното Екши-Су (Горно Врбени), ниту пак ја запрела организационата дејност на легендарниот син на селото Александар Турунџев, кој почна со обнова на револуционерната мрежа во својот реон, станувајќи се’ популарен, особено по ревизионата посета на реонот од страна на Даме Груев, врховниот командант за време на Илинденската револуција и неговата верна сенка, бескомпромисниот револуционер – Ѓорѓи Сугарев.

По востанието, Александар Турунџев учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон, влегол во новиот состав на Леринското горско началство.

Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор.

Таму бил подложен на големи измачувања и држан цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата крај Безистенот, реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани. Збунетиот поп пред егзекуцијата го прашал: “Кои се твоите последни зборови?“

Тогаш Александар се поткачил на столчето, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: “Македонија ќе биде слободна!“ По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.

Гробот му се наоѓа на битолските гробишта Света Недела. Бог да го прости и нека му дари Царство Небесно каде што почиваат душите на праведниците. Слава му.