Македонска заедница во Црна Гора
14 септември 2023 година, Подгорица, Црна Гора – Македонското здружение ВАРДАР-МКД од Подгорица ги започна активностите за формирање Македонски национален совет, како претставнички орган на Македонците во државата Црна Гора.
– Почитувани Македонци и Македонки, Македонскиот национален совет во Црна Гора е уставна и законска можност за институционално организирање и претставување на Македонците во Црна Гора. Тоа право е еднакво за сите други национални малцинства во Црна Гора. Македонскиот национален совет во Црна Гора има право да ги зачува и да одлучува за начинот на заштитата на националните, културните, образовните, социјалните, економските и другите индивидуални и колективни права од интерес на Македонците во Црна Гора, редовно и годишно финансирани од буџетот на Црна Гора, како што сега редовно се издвојуваат буџетски средства за работата на Cрпскиот, Хрватскиот, Муслиманскиот, Бошњачкиот, Ромскиот и Албанскиот национален совет во Црна Гора. Заради заштита на индивидуалните и колективните права на Македонската заедница според Уставот на Црна Гора и Законот за малцинските права и слободи, потребно е да ни го испратите вашиот телефонски број, а потоа да поканите во нашата вибер заедница што поголем број Македонци во Црна Гора кои лично ги знаете, – се вели во изјавата на потпретседателот на Македонското здружение ВАРДАР-МКД од Подгорица, адвокат Никола Ангеловски.
Светскиот Северџан Македонски Конгрес го поддржува апелот на Македонското здружение ВАРДАР-МКД од Подгорица за масовно пријавување на сите Македонци во Црна Гора за конституирање на Македонскиот национален совет во Црна Гора.
Повеќе на тема – Македонци