SolunFM

Незаборав : Ги врзаа за столб и ги разнесоа со динамит заедно со мотелот што го чуваа.

Не станува збор за злосторство на терористичката ИСИС во Сирија и Ирак, во 2015 или 2016 година, туку за злосторство на албанската терористичка “Ослободителна народна армија“ ( „UÇK/УЧК/„ОНА„ ) во Македонија во 2001 година. Светислав и Боге беа врзани за столб и разнесени заедно со мотелот “Бриони“ во село Челопек до Тетово.

Светислав Трпковски (39) и Боге Илиевски (46) убиени во 2001 година.

Мотелот во Челопек беше миниран на 26 август 2001 година во 06:15 часот, две недели по потпишувањето на Охридскиот договор со којшто заврши војната во Македонија во 2001 година. Објектот беше кренат во воздух, заедно со двајцата вработени во задругата Светислав Трпковски ( 39 ) и Боге Илиевски ( 46 ).

Случајот “Бриони“ е едно од повеќето монструозни злосторства од војната во 2001 година, кога терористичката ( UÇK/УЧК/„ОНА„ ) се бореше за “ослободување„ на „окупираните„ „албански земји„ од „славо„-македонските „окупатори“. Колку да се знае, да не се заборави. А, власта ги амнестира овие ѕверства. И покрај сè и после сè, Македонците ги паметат овие злосторства, не ги забораваат, амнестијата на власта не значи амнезија на народот.

Снимката од откинати нозе и раце среде урнатините на мотелот, во 2001 година го обиколи светот. Светислав и Боге, на свиреп и ужасен начин, ги загубија животите. Додека дежурале ноќна смена во мотелот, биле фатени, врзани за еден од потпорните ѕидови на мотелот и со експлозив разнесени заедно со објектот.

Зарем има Бог кој дава благослов на такви ѕверови за вакви злосторства ?

И по 21 година, извршителите на овој гнасен чин “не се пронајдени“. Единствено се знае дека ова монстурозно злосторство го извршиле припадници на терористичката ( UÇK/УЧК/„ОНА„ ). Според тогашните првични извештаи, осуммина злосторници допатувале со две патнички возила “фолксфаген“ и “опел“. Откако го минирале мотелот, побегнале. Тогаш првично беа осомничени шестмина жители на Челопек и по еден од селата Радиовце и Гургурница. Но, случајот остана без разрешница.

Случајот “Бриони“ никогаш не се расветли. Остана револтот кај семејствата на убиените, но и очигледната незаинтересираност на државата за расветлување на ова ѕверско убиство. А, Светислав и Боге само го заработуваа лебот за своите семејства.

Сè уште остануваат отворени прашањата : кој ги уби, зошто е миниран мотелот “Бриони“, кои биле причините Светислав и Боге да бидат врзани за носечките столбови со поставен експлозив на градите, зошто толкава омраза кон нив двајцата, кој ја спречува обновата на минираниот мотел и како може и после 21 година, да нема никакво спомен-обележје на двајцата челопечани монструозно убиени на своите работни места ? Или пораката е до сите Македонци, непожелни во нивните домови, кои други ги сметаат за свои дворови.

Секоја година семејствата на убиените, жителите на Челопек, околните села, блиски роднини и пријатели, одржуваат помен за покој на душите на годишнината од нивното убиство на гробиштата кај црквата “Света Богородица“ во Челопек и кај мотелот “Бриони“. За жал, панихидата, останува без претставник на државата, како и без одговор од надлежните, кој го изврши ова подмолно злосторство ?

Во мотелот “Бриони“ како вистинска руина, стојат само бетонските столбови и делови од некогашниот објект, сопственост на задругата “Единство“ од Челопек. Задругата ги има добиено сите документи за негова темелна обнова, меѓутоа група Албанци од Челопек го попречуваат тоа. Општина Брвеница донела одлука комплексот да се претвори во спортски центар, за што има и ново урбанистичко решение. Но, во задругата велат дека ниту им е доставена одлуката, ниту им даваат извод од урбанистичкиот план, ниту некој им ја одзел сопственоста.

Бог да ги прости Светислав и Боге, било да не се повтори, простуваме но не забораваме.

И покрај Светислав и Боге, и многу други, годинава власта одбележа 21 година од Охридскиот договор, Ахмети и Груби велат “борба за човекови права и слободи“ она тероризам, етничко чистење, прогласување “слободни територии“, окупација како да се заборава Македонците беа жртви на андартите во Егејскиот дел на Македонија и во „Балканските„ војни и во двете светски војни и во таканаречената „Граѓанска„ војна во Грција. Заев таа територија и историја им ја подари на Атина, “го смени” името на државата и идентитетот на нацијата. Македонците беа жртви на балистите во Западниот дел на Македонија во Втората светска војна. Македонците беа жртви на етничко чистење и окупации на територии и во војната 2001 година. Инаку зошто Вејце, зошто Карпалак, зошто минирањето на мотелот “Бриони“ во Челопек, зошто мавровските работници, зошто минирањето на Лешочкиот манастир, зошто затворањето на каптажите за вода во сите села во полошкиот и липковско-кумановскиот регион каде живеат Македонци. Зошто ? Точно, има илјадници братства и пријателства меѓу Македонци и Албанци, и некогаш и сега, тој тренд ќе продолжи, тоа треба да се негува и унапредува. Меѓутоа тие братства и пријателства не страдаат од злото на лошите, туку од молкот на добрите. Мораме да го совладаме рубиконот на омразата и одмаздата, на етничкото чистење кое не го покрива заевата флоскула “едно опшесфо за сите“, ставајќи сè под тепих, кога владеат тие кои не се со сите. Македонија не страда од душманите, туку од предавниците, врховистите и колаборационистите, од конформистите и лажните “пацифисти“.

Мотел „Бриони„ 2001 во село Челопек, Тетово, Македонија.

Бог да ги прости и царство небесно на Светислав и Боге, на сите убиени во кои тлее поривот на омразата и одмаздата како на убијците на Македонците во мотелот “Бриони“ до Челопек, тетовско во војната 2001 година.


Tags: